Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека нема намера да разговара со Владимир Путин, два дена по телефонски разговор на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот претседател, што наиде на неодобрување од Киев и поддржувачите на Украина.

-На канцеларот Шолц е да одлучи со кого ќе разговара. Јас немам намера да разговарам со Путин, рече Стармер во изјава за новинарите пред заминувањето за Бразил на самитот на Г-20.

Стармер, како што пренесуваат британските медиуми, се заложи за удвојување на напорите за зајакнување на поддршката за Украина.

Оваа тема ќе биде на дневен ред на Самитот на земјите од Г-20, на кој ќе присуствуваат многу светски лидери, но не и Путин.

Стармер посочи дека вторник се навршуваат 1.000 дена од војната во Украина.

-Тоа претставува 1.000 дена руска агресија, 1.000 дена жртвување за украинскиот народ, а неодамна видовме севернокорејски сили како работат со Русите, рече британскиот премиер.

Според него, ова го покажува очајот на Русија, но има и сериозни импликации за безбедноста на европскиот и индо – пацифичкиот регион.

-Треба да обезбедиме целосна поддршка (на Украина) онолку колку што е потребно, додаде Стармер.


(МИА)


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.