Бразилската федерална полиција соопшти дека не се точни информациите дека телата на британскиот новинар Дом Филипс и староседелецот експерт Бруно Переира биле пронајдени во амазонската џунгла.

Во соопштението на полицијата се наведува дека досега е пронајден само биолошки материјал и предмети од исчезнатите, како што претходно и беше објавено, пренесуваат британските медиуми.

 

Реакцијата на полицијата доаѓа откако бразилскиот портал „Г1“, повикувајќи се на сопругата на Филипс, објави дека се пронајдени телата на Филипс и Переира, кои исчезнаа пред повеќе од една недела во џунглата.

Во неделата беше пронајдена облека на Переира, со лична карта на негово име, како и ранец со облека на Филипс и чизмите на двајцата мажи.

Очевидци изјавија дека ги виделе двајцата како патуваат по реката на 5 јуни.

Двајцата мажи тргнале на новинарска задача во оддалечената област на џунглата, на границата на Бразил со Перу и Колумбија, каде што се наоѓаат повеќето нерегистрирани членови на домородни племиња. На тој простор има банди кои шверцуваат кокаин, а реонот е полн и со шумокрадци и ловокрадци, како и диви копачи на руда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.