Европската унија денеска ги поддржа напорите на Финска и Шведска за влез во НАТО, на што се спротивставува Турција, членка на западната воена алијанса.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изрази уверување дека Шведска и Финска ќе добијат „силна поддршка“ од сите членки на ЕУ за членство во НАТО, велејќи дека тоа го зголемува единството на Унијата и ја прави посилна.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган претходно изјави дека Финска и Шведска не треба да бидат примени во НАТО поради недоволно строг однос кон курдските вооружени групи како што е Курдската работничка партија, кои Турција и ЕУ ги сметаат за терористички организации.
Борел денеска призна дека Турција има одредени забелешки, но изрази надеж дека НАТО „ќе може да ги надмине“.
За да може една земја да влезе во НАТО, мора да добие согласност од секоја од 30-те членки на Алијансата. Од 27 земји на ЕУ, 21 се во НАТО, а Финска и Шведска се меѓу преостанатите шест, заедно со Австрија, Ирска, Малта и Кипар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.