Новинарите и медиумските работници секојдневно храбро ја практикуваат својата слобода на изразување, често под голем личен ризик, при што независното новинарство засновано на факти помага да се заштитат нашите демократии преку разоткривање на неправдите, барање на одговорност од лидерите и овозможување граѓаните да носат одлуки базирани на информации, истакна високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во пораката по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.

– Во 2024 година, кога се одржуваат избори во над 60 земји ширум светот, работата на новинарите е позначајна од кога било. На овој Светски ден на слободата на медиумите, ја почитуваме нивната работа и храброст. Како наши очи и уши, новинарите мора да бидат заштитени во секое време и насекаде, наведе Борел во изјавата дадена во име на Европската Унија.

Тој нагласува дека ЕУ цврсто ги осудува сите акти на насилство, вклучително и заканите, врз новинарите при вршење на нивната професија, без разлика дали потекнуваат од држави, организирани групи или поединци.

– Не смее да има неказнивост за ваквите злосторства, без разлика каде се случуваат, дециден е Борел.

Според него, новинарите и медиумските работници кои известуваат од вооружени конфликти мора да бидат заштитени во согласност со меѓународното хуманитарно право.

– ЕУ изразува жалење за драматичното зголемување на бројот на убиени или повредени новинари додека известуваат за разорните последици од војната. Премногу новинари ги загубија животите во последните месеци додека ни ги пренесуваа вестите од Газа. Новинарите, исто така, продолжуваат да се изложени на ризик на дневна основа додека известуваат за руската агресивна војна против Украина, како и од конфликтите во Мјанмар, Судан и на други места, се додава во изјавата.

Борел натаму посочува и дека ЕУ изразува сериозна загриженост поради праксата за оневозможување на пристап на независните медиуми до конфликтните зони како начин за контрола на информативниот простор и ограничување на пристапот на јавноста до објективно известување базирано на факти.

– Ширум светот, независните медиуми се соочуваат со голем број егзистенцијални закани. Повеќе од кога било, ние мора да преземеме решителна акција за да обезбедиме дека медиумите можат да работат во остварливи политички, економски и правни услови, потенцира Борел.

Тој нагласува дека ЕУ направи значаен чекор во тој правец со усвојувањето на Европскиот закон за слобода на медиумите, кој има за цел да ја подобри уредувачката независност, да ги заштити изворите на информации на новинарите и да ја подобри транспарентноста околу сопственичката структура на медиумите во Унијата.

– ЕУ останува цврсто посветена на својата заложба за заштита на слободата на медиумите и плурализмот ширум светот. Во одбраната на слободата на медиумите, ние го штитиме не само нашето право да знаеме, туку и нашата способност да ја обликуваме иднината водена од вистината и одговорноста, додава Борел во пораката по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.