Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, доцна синоќа во Њујорк изјави дека ЕУ размислува за нови санкции против Русија по „ескалацијата“ што ја најави Москва.

Борел ова го изјави по неформалниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Њујорк, одржан на маргините на генералната дебата на заседанието на Генералното собрание на ОН.

Министрите на средбата изјавија дека најостро ја осудуваат „последната ескалација на Русија“.

– Ќе продолжиме да ја зголемуваме нашата воена помош и проучуваме нови рестриктивни мерки против Русија, рече Борел.

Во Русија вчера стапи во сила наредба на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација на резервистите за пополнување на силите во војната во Украина.

Путин вети и поддршка за одржување референдуми во сепаратистичките републики Луганск и Доњецк, како и во регионите Херсон и Запорожје во Украина за приклучување кон Русија. Тој додаде дека руското оружје е помодерно од она на НАТО и оти доколку постои закана за територијалниот интегритет на Русија, ќе бидат искористени сите средства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.