Американскиот производител на авиони Боинг денеска соопшти дека го прекина снабдувањето со титаниум од Русија, порачувајќи дека го обезбедил снабдувањето со важните суровини за производство на авиони, но и бродови, автомобили и машини.

„Нашите резерви и различните извори на набавка ни обезбедуваат доволно титаниум за производство на авиони“, тврди компанијата.

Боинг уште во февруари соопшти дека не се плаши од прекин во снабдувањето, бидејќи бара дополнителни извори за снабдување, по воведувањето санкции кон Русија поради анексијата на Крим во 2014 година.

Титаниумот се користи во аеротехниката, ракетната техника и астронаутиката, како и во изградбата на турбини и компресори, бродови и подморници, како и делови од машини и опрема изложени на морска вода.

Досегашниот добавувач на Боинг, руската компанија „ВСМПО-Ависма“, соопшти дека жали поради суспензијата на договорот со својот долгогодишен партнер.

„Ја следиме состојбата во нашата земја и во светот и бевме подготвени за таков исход“, наведуваат оттаму и додаваат дека се вртат кон други пазари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.