Вклучувањето на Севернокорејците во непријателствата во Украина ќе добие силен одговор, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбата со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во седиштето на алијансата во Брисел.
Блинкен посочи дека неговите разговори во НАТО се поврзани со продолжување на поддршката за Украина. Алијансата има уште многу работа за зајакнување на воено-индустрискиот комплекс, трошоците мора да се зголемат за да се обезбедат потребните капацитети, додаде тој. Според него, 23 земји од НАТО веќе ја исполнуваат целта за трошоци за одбрана од најмалку два отсто од БДП. НАТО има клучна улога за безбедноста на САД, резимира државниот секретар.
Треба да го зголемиме военото производство и да инвестираме повеќе во одбраната, посочи Руте. Благодарение на американската поддршка, Украина издржа и Русија не победи во војната. Треба да направиме повеќе за да можат украинските сили да ги одбијат Русите, додаде тој.
Според него, севернокорејската војска на украинскиот фронт создава дополнителна закана и ја зголемува способноста на рускиот претседател Владимир Путин да нанесува штета. Путин му обезбедува ракетна технологија на Пјонгјанг, а тоа претставува опасност не само за Европа, туку и за САД, Јапонија и Јужна Кореја, истакна Руте. Веќе извесно време, Кина помага да се заобиколат санкциите наметнати на Русија и ѝ обезбедува на Москва стоки за двојна употреба, Иран обезбедува беспилотни летала на руската страна и за возврат добива пари што служат за продолжување на напорите за дестабилизација на Блискиот Исток, додаде Руте, резимирајќи, дека конфликтите ширум светот стануваат се поповрзани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.