Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска одговори на критиките за настапот на претседателот Џо Бајден на предизборната дебата минатата недела, истакнувајќи дека политиката на Бајден во последните три и пол години ја зајакнала довербата во американското лидерство во светот.
Блинкен беше прашан за време на настан во Институтот „Брукингс“ што ќе си помислат пријателите и непријателите на САД за американското лидерство по слабиот настап на Бајден.
Американскиот државен секретар рече дека луѓето во светот гледаат што Бајден направил од неговото доаѓање на власт, а не само неговиот настап во вечерта на дебатите и дека ја ценат неговата политика.
Блинкен истакна дека луѓето гледаат претседател кој ги вратил позициите на Америка, ја вратил Америка на светската мапа, обновил сојузи и партнерства.
– Ако ги погледнете социолошките истражувања во светот, до степен до кој може да им се верува, ќе видите повторно и повторно дека довербата во американското лидерство значително се зголемила во последните три и пол години, истакна тој.
Тоа не се случува само по себе. Тоа е резултат на политиката што ја водиме, резултат на нашата ангажираност. Тие гледаат дека претседателот Бајден го отвора патот во сите овие различни области на начин што ги обединува луѓето и е фокусиран истовремено на предизвиците што стојат пред нас и кои се заеднички за толку многу земји, додаде Блинкен.
Поддржувачите на Бајден се надеваа дека предизборните дебати ќе ги разбијат сомнежите дека тој е премногу стар за уште еден претседателски мандат, но наместо тоа, неговиот настап дополнително ги разгоре сомнежите. Некои демократи дури повикаа Бајден да биде заменет со друг кандидат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.