Стотици празни, паркирани автомобили беа запалени во Франција за време на новогодишната ноќ, соопшти денеска францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманен.

Бројот на запалени автомобили за време на оваа новогодишна ноќ – 874, сепак е помал во споредба со дочекот на Новата 2019 година, кога беа запалени 1.316 возила, наведе францускиот министер на Твитер, пренесе АП.

Намалениот број на запалени автомобили се должи на масовното присуство на полицијата на улиците на француските градови и ограничувањето на јавните собири во моментот кога се шири сојот омикрон, варијанта на коронавирусот, рече тој.

Податоци за тоа колку автомобили биле запалени во 2020 година не се достапни поради карантинот што беше воведен низ целата земја за време на пандемијата на коронавирусот.

Во Франција, како и во другите земји, автомобилите се палат во текот на годината поради многу причини.

Нив ги палат од банди кои ги кријат трагите од нивните злосторства и луѓе кои бараат лажно осигурување, наведува Асошиејтед прес.

Меѓутоа, на новогодишната ноќ, практиката на палење автомобили датира од 90-тите години, од регионот Стразбур во источна Франција, а ја започнале млади луѓе кои претежно живеат во сиромашните делови на градот, додава американската агенција.

Автомобили беа запалени и од млади луѓе за време на протестите поради станбените проекти, што ја зафатија Франција во есента 2005 година. Полицијата тогаш изброила 8.810 запалени возила за помалку од три недели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.