Централноафриканската Република го одобри биткоинот како законско средство за плаќање во земјата и со тоа стана втората држава во светот што го прави тоа.

Пратениците едногласно гласаа за усвојување на биткоин како законско средство за плаќање, а потегот беше коментиран како еден од „најхрабрите и највизионерските во светот“.

Пред нив тоа го направи само Ел Салвадор во 2021 година, а потегот беше критикуван од многу економисти во тоа време, вклучително и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој изјави дека ризикот од економска нестабилност се зголемува.

Централноафриканската Република е една од најсиромашните во светот, но е богата со дијаманти, злато и ураниум. Погодена е со конфликти со децении, а е и близок руски сојузник.

Она што е интересно во нивната одлука е тоа што за користење на биткоин и тргување со него е потребен интернет, а во оваа земја, според податоците од 2019 година, само 4 отсто од луѓето имале пристап до интернет.

Во Централноафриканската Република официјална валута е централноафриканскиот франк, а сега ќе ја додаде и криптовалутата биткоин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.