Договорот за извоз на украинско жито престанува да важи и Русија нема да го обнови, соопшти денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Денеска престануваат да важат црноморските договори. Дел од договорот кој се однесува на Русија, за жал, досега не е спроведен. Затоа, Русија се повлекува од договорот – рече Песков.
Тој истакна дека Русија веднаш „ќе се врати на спроведување на договорот“, штом бидат исполнети условите на Москва.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека официјална Москва ги известила Турција, Украина и Обединетите Нации за својот приговор на продолжување на договорот за извоз на жито.
По оваа најава на Русија цените на пченицата на берзите експресно пораснаа. На берзата во Чикаго, фјучерсите на пченицата поскапеа за 3,4 отсто на 6,84 долари за бушел.
Цените на пченката, исто така, се зголемија, за два отсто, на 5,16 долари за бушел.
Црноморската иницијатива, која на 22 јули во 2022 година ја потпишаа претставници на Русија, на Турција, на Украина и на Обединетите Нации, вклучуваше извоз на жито, храна и ѓубриво преку Црното Море.
Договорот беше склучен на 120 дена, а во ноември лани беше продолжен за уште 120 дена и во март за уште 60 дена. Последниот рок истече денеска, а Русија веднаш соопшти дека се повлекува од договорот бидејќи не се почитуваат одредбите за нејзиниот извоз.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган смета дека неговиот руски колега Владимир Путин сè уште има намера да го обнови меѓународниот договор за извоз на жито од Украина.
– Верувам дека рускиот претседател Путин сака продолжување на овој хуманитарен мост, и покрај денешната [руска] изјава – изјави Ердоган за новинарите во Истанбул, пред да замине на дводневна турнеја во Персискиот залив .
Ердоган рече дека ќе разговара со рускиот лидер пред очекуваната посета на Путин на Турција во август.
– Договорот за продолжување на спогодбата за извоз жито без прекини сè уште може да биде возможен пред посетата на Путин во август – рече Ердоган, додавајќи дека за таа цел се водат преговори.
Украина е светски значаен производител на житни култури и според информации на Светската агенција за храна, прехранува 400 милиони луѓе ширум светот. Со избувнувањето на војната се закануваше криза со глад особено во Африка и на Блискиот Исток.
Цените на прехранбените производи уште пред почетокот на војната во Украина беа зголемени, но руската инвазија предизвика дополнителен скок на глобално ниво. Според информации на ЕУ, „континуитетот на украински испораки на житни култури е и натаму од витално значење за сигурна прехрана во светот“.
Договорот е важен и за Киев, затоа што во украинската економија на тој начин само од март 2022 година се влеале околу 700 милиони долари.
Според договорот, житните култури може контролирано да се извезуваат од три црноморски пристаништа, меѓу кои и Одеса. Товарните бродови се обврзани да пловат во договорен хуманитарен коридор на Црно Море во правец на Истанбул. Проверки врши специјален тим од руски, турски, украински и инспектори на ОН на еден пункт кој е под контрола на Турција.
Две специјални единици на ОН се грижат ова да функционира, исто како и извозот на руски прехранбени производи и ѓубрива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.