Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок лично ја провери ситуацијата на граничниот премин Керем Шалом во јужен Израел во услови на ниско ниво на помош што стигнува до цивилното население во Појасот Газа, јави ДПА.
Бербок беше информирана од директорот на објектот за процесот со кој камионите натоварени со помош, вклучително и храна и лекови, се обработуваат во огромната област за регистрација, која е опкружена со високи бетонски ѕидови.
Хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална и Палестинците во блокираната крајбрежна зона се соочуваат со недостиг од основни потреби како храна, вода и лекови. ОН предупредија на непосредна закана од глад и дека околу 1,1 милион луѓе во густо населениот Појас Газа се во очајна ситуација.
Граничниот премин „Керем Шалом“ се наоѓа во непосредна близина на египетската граница. Тој беше затворен по терористичкиот напад на палестинската екстремистичка организација „Хамас“ во Израел на 7 октомври, а повторно беше отворен за испорака на хуманитарна помош на 17 декември, потсетува ДПА.
Поради протестите на семејствата на жртвите и радикалните еврејски доселеници кои сакаат да спречат испорака на помош, областа околу границата беше прогласена за забранета воена зона кон крајот на јануари.
Секој ден се обработуваат во просек по 120 камиони со помош. Пред 7 октомври, околу 500 камиони дневно стигнуваа до Појасот Газа, а повеќе од 300 од нив минуваа низ Керем Шалом.
Камионите превезуваат помош од Светската програма за храна, Светската здравствена организација и организацијата за помош на децата Save the Children.
Бербок и нејзината делегација се првите странски гости на министерско ниво од 7 октомври кои од израелските власти добија пристап до Керен Шалом.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.