Американската економија падна за 0,9 отсто во вториот квартал од годинава, забележувајќи пад во втор по ред квартал, што е силен сигнал за рецесија.

Американскиот реален бруто домашен производ (БДП) во периодот од април до крајот на јуни се намали со годишна стапка од 0,9 отсто – се вели во извештајот на Министерството за трговија во Вашингтон.

Во првиот квартал од 2022 година, најголемата светска економија се намали за 1,6 отсто по годишна стапка.

Со неочекуваниот пад на БДП-то втор квартал по ред, најновите податоци сигнализираат дека американската економија е во техничка рецесија. Имено, економистите очекуваа раст на БДП од 0,5 отсто.

Во извештајот на Министерството за трговија понатаму се забележува дека падот се јавува во контекст на континуирана инфлација, ниска невработеност, континуирани предизвици во синџирите на снабдување и зголемување на клучните каматни стапки.

Годишната стапка, која покрај САД, ја користат само Јапонија и Канада, ја покажува стапката со која БДП би опаѓал за една година (4 квартали) доколку падне во секој квартал со истата стапка со која паѓал во претходниот квартал во однос на претходните три месеци.

Во однос на првиот квартал, американскиот БДП падна во вториот квартал за 0,2 отсто, покажуваат првите проценки на Министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.