Американскиот претседател Џо Бајден во својот редовен годишен говор за состојбата во нацијата ноќеска повика на единство во остро поделениот Конгрес, го пофали зголемувањето на работните места, а ги допре и темите за војната во Украина и стратешката конкуренција со Кина.
На големиот годишен говор за општата политика, во кој секој американски претседател ја исполнува својата уставна обврска да го информира Конгресот, Бајден ја нарече американската демократија „нескршена“, повика на единство, го поздрави закрепнувањето на американската економија и отворањето на рекордни 12 милиони работни места, а истакна и дека Америка „не може да го тргне погледот од полициската бруталност и ги нарече „скандалозни“ гигантските профити на нафтените компании, повикувајќи на воведување „минимален данок“ за милијардерите.
Тој, исто така, нагласи дека САД ќе ја поддржуваат Украина „колку што е потребно“ во соочувањето со руската инвазија и додаде дека САД ќе соработуваат со Кина, но вети и дека ќе ја „заштити земјата“, мислејќи на кинескиот шпионски балон што патуваше низ Америка минатата недела.
Првото обраќање на Бајден на заедничката седница на Конгресот откако републиканците ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом траеше 73 минути, неговиот говор неколку пати беше прекинуван од аплаузите на присутните, но и од дофрлањата на републиканците.
Бајден беше самоуверен, гласен и смешен, а американските аналитичари се согласија дека тоа е убедливо најинтерактивнотото обраќање за состојбата на нацијата во историјата на САД.
До моите републикански пријатели, ако можевме да работиме заедно во последниот Конгрес, нема причина да не можеме да работиме заедно и во овој нов Конгрес. Народот ни испрати јасна порака. Борба заради борбата, моќ заради моќ, конфликтот заради конфликт, не водат никаде. Овде сме испратени да ја завршиме работата, нагласи тој.
Настојувајќи да го проектира оптимизмот пред претседателската кампања во 2024 година, Бајден истакна дека економијата има корист од 12 милиони нови работни места, дека Ковид-19 повеќе не ги контролира животите на Американците и дека американската демократија останува силна.
Денес, иако е оштетена, нашата демократија останува непоколеблива и нескршена. Приказната за Америка е приказна за напредок и издржливост. Ние сме единствената земја што од секоја криза излезе посилна отколку кога влеговме во неа. Тоа го правиме повторно.
Бајден ја поздрави издржливоста и силата на американската економија, со пад на невработеноста во јануари на речиси 54-годишно најниско ниво, ветувајќи дека ќе продолжи со напорите за намалување на инфлацијата и одбрана на благосостојбата и здравствените придобивки.
Тој посочи дека Америка „не може да се оттргне“ од проблемот со полициската бруталност.
Сите ние во овој Конгрес мора да бидеме на висината на задачата, не можеме да го тргнеме погледот. Да се собереме и да ја завршиме работата за полициските реформи, нагласи тој.
Сите ние го сакаме истото. Населби без насилство. Спроведување на законот што ја заслужува довербата на заедницата, за нашите деца да се вратат дома безбедно. Знам дека повеќето полицајци се добри, пристојни луѓе. Тие ги ризикуваат своите животи секој пат кога ќе облечат тој штит. Но, премногу често се случува она што му се случи на Тир во Мемфис.
Бајден ги обвини фармацевтските компании дека премногу го наплаќаат инсулинот, ги обвини технолошките компании дека спроведуваат профитен „експеримент“ врз деца, а особено го критикуваше профитот на нафтените компании, залагајќи се за повисоки даноци за милијардерите.
Големите корпорации не го искористуваат само даночниот закон, рече Бајден. Тие те искористуваат и тебе, американскиот потрошувач.
Бајден, исто така, во говорот кажа дека САД ќе ја поддржуваат Украина „колку што е потребно“ соочена со руската инвазија, која го натера амбасадорот од Киев да стане и да аплаудира.
Тие не ја претставуваат само својата нација, туку и хрброста на нејзиниот народ, рече американскиот претседател.
Со НАТО, САД се соочија со агресијата предводена од Путин и застанаа на страната на украинскиот народ, нагласи тој речиси една година по почетокот на војната.
Тој посочи и дека САД ќе соработуваат со својот ривал и голема сила Кина, но и дека земјата ќе „дејствува“ доколку Кина го загрози нејзиниот суверенитет.
Како што покажавме минатата недела, доколку Кина го загрози нашиот суверенитет, ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја и тоа го направивме, рече Бајден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.