Во нападот врз болница во Газа загинаа стотици Палестинци, со што се продлабочија тензиите на Блискиот Исток и се зголемија влоговите за американскиот претседател Џо Бајден, кој денеска замина за Израел за да изрази поддршка за неговата војна против Хамас. Се очекува да пристигне во Изреал во 10 часот по локално време.
Палестинските власти соопштија дека израелските сили ја погодиле болницата во воздушен напад, а министерот за здравство на палестинската управа го обвини Израел за „масакр“. Израел ја обвини палестинската група Исламски џихад за експлозијата во болницата Ал-Ахли ал-Араби со неуспешно лансирање ракета.
Портпаролот на палестинското министерство Ашраф Ал-Кудра изјави дека спасувачите се уште извлекуваат тела од урнатините.
Шефот на цивилната одбрана на Газа соопшти дека бројот на загинати е 300, додека извори од Министерството за здравство објавија за 500 жртви.
Комплексната дипломатска мисија на Бајден на Блискиот Исток требаше да го смири регионот и да ги поддржи хуманитарните напори за Газа, но по нападот, Јордан го откажа планираниот самит со американскиот претседател, палестинскиот претседател Махмуд Абас и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.
Абас, исто така, ги откажа плановите да се сретне со Бајден, а палестинските безбедносни сили употребија солзавец и шок-бомби за да ги растераат антивладините демонстранти во окупираниот град Рамала на Западниот Брег.
Протести беа одржани и пред амбасадите на Израел во Турција и Јордан и во близина на американската амбасада во Либан, каде безбедносните сили фрлија солзавец кон демонстрантите.
Пред нападот на болницата, здравствените власти во Газа соопштија дека најмалку 3.000 луѓе загинале во 11-дневното бомбардирање на Израел што започна по нападот на Хамас што го изненади Израел и доведе до тоа што речиси 200 луѓе беа одведени во Газа како заложници.
Израелската војска ги повика жителите на градот Газа да се преселат на југ, велејќи дека постои „хуманитарна зона“ со достапна помош во Ал-Маваси, 28 километри од брегот од палестинската енклава.
Говорејќи пред новинарите додека Бајден веќе беше на пат за Тел Авив, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби рече дека Бајден ќе им постави „тешки прашања“ на израелските лидери, но не даде детали.
Бајден ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со израелскиот воен кабинет за да добие увид во плановите и целите на Израел, рече Кирби. Исто така, има за цел да испорача хуманитарна помош во Газа, каде што милиони Палестинци преживуваат со недостиг на храна, гориво и вода поради израелската опсада.
„Ќе постави некои тешки прашања, ќе ги постави како пријател, како вистински пријател на Израел“, рече Кирби.
Не е јасно што би можел да постигне Бајден за време на неговата посета. Кирби рече дека американскиот претседател планира да разговара со Абас и Сиси пред неговото враќање во Вашингтон.
„Таков ужасен настан ја комплицира дипломатијата и ги зголемува ризиците од ескалација“, рече Ричард Гован, директор на Меѓународната кризна група на ОН.
Бајден претходно изјави дека САД не сакаат конфликтот да ескалира во поширока војна.
Иран, кој ги поддржува Хамас, Исламскиот џихад и исламистичката група Хезболах со седиште во Либан, го предупредија Израел на ескалација доколку не ја прекине својата агресија врз Палестинците.
Дури и пред нападот во болницата, Њујорк Тајмс ја нарече посетата на Бајден како – „патување полно со ризици
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.