Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, ги повика компаниите кои управуваат со пристаништата во САД да ги зголемат платите на пристанишните работници кои штрајкуваат веќе втор ден.

Морските превозници остварија рекордни профити за време на пандемијата, кога пристанишните работници беа изложени на опасност во нивните напори пристаништата да останат отворени. Време е овие морски превозници да понудат силен и фер договор што годразува придонесот на работниците на ИЛА (International Longshoremen’s Association) за нашата економија и нивните рекордни профити“, соопшти Бајден во синоќа на Икс.

Тој наложи администрацијата да следи можни зголемувања на цените што би им одело во прилог на морските превозници, соопштија од Белата куќа.

Штрајкот на синдикатот на ИЛА деновиве го блокира снабдувањето со стоки, од храна до автомобили, во десетици пристаништа од Мејн до Тексас, и ова, велат аналитичарите, ќе ја чини економијата на САД милијарди долари дневно.

Националната федерација за малопродажба ја повика администрацијата во Вашингтон да ги искористи своите федерални овластувања за да го прекине штрајкот, изјавувајќи дека може да има „разорни последици“ за економијата. Републиканците, вклучувајќи го и гувернерот на Вирџинија Глен Јангкин, исто така го повикаа Бајден да преземе мерки, но тој повтори дека нема да го стори тоа.

Според „Everstream Analytics“, во американските пристаништа вчера веќе стоеле повеќе од 38 контејнерски бродови, додека во неделата пред штрајкот на простој биле само три.

Синдикатот на ИЛА, кој претставува 45.000 пристанишни работници, го започна штрајкот синоќа на полноќ, откако преговорите со групата на работодавачи „United States Maritime Alliance“ (USMX) за нов шестгодишен договор завршија неуспешно.

„USMX“ му понуди на синдикатот зголемување на платите за 50 отсто, но лидерот на ИЛА, Херолд Дагет, изјави дека синдикатот бара повеќе, вклучувајќи зголемување на платите за пет долари по час за секоја година од новиот шестгодишен договор и прекинување на проектите за автоматизација на пристаништата, кои ги загрозуваат работните места.

Стотици пристанишни работници вчера излегоа на протест пред товарниот терминал во во близина на Њујорк во Елизабет, Њу Џерси.

Економистите на Morgan Stanley изјавија дека штрајкот може да влијае на економскиот раст и да ја зголеми инфлацијата, „но само ако трае подолго“. Според нив, ако штрајкот не трае долго, неговото влијание врз транспортот ќе биде минимално.

Околу половина од американскиот увоз и 37% од извозот се врши по морски пат, потсетува „Морган Стенли“.

Според проценките на аналитичарите на „ЏП Морган“, штрајкот може да ја чини американската економија околу 5 милијарди долари дневно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.