Американскиот претседател Џо Бајден ги повика републиканските политичари да престанат да „играат“ со заканата од запирасње на работата на федералната влада, еден ден откако американскиот Конгрес усвои привремен договор за избегнување на такво сценарио.

„Доста е…уморен сум од опасни игри“, нагласи Бајден во телевизиското обраќање по усвојувањето на вонредната мерка, што го одложи рокот за затворање на владата за 45 дена, бидејќи републиканците и демократите водат тешка борба за буџетот.

„Во никој случај не можеме да дозволиме прекин на американската помош за Украина“, рече Бајден во говорот. „Имаме време, не многу време, и има огромно чувство на итност“, додаде тој, истакнувајќи дека законот за финансирање трае само до средината на ноември. Бајден го повика Конгресот да се договори за пакетот помош што е можно поскоро.

САД нема да ја напуштат Украина во војната против Русија, иако договорот за избегнување на парализата на федералната влада не вклучува дополнителна помош за Киев, нагласи Бајден. „Сакам да им кажам на нашите сојузници, американскиот народ и народот на Украина дека можете да сметате на нашата поддршка. Ние нема да ја напуштиме“ Украина, рече тој во телевизиско обраќање.

Меѓународната поддршка е клучна за Украина во борбата против Русија. САД се најголемиот донатор на Киев, обезбедувајќи околу 110 милијарди долари цивилна и воена помош од февруари 2022 година.

САД избегнаа затворање на својата федерална администрација во последен момент, при што Сенатот усвои итна мерка само три часа пред крајниот рок. Сепак, таа ја исклучува можноста за помош за воено разурната Украина што ја побара Белата куќа.

Американските конгресмени треба да разгледаат посебен предлог-закон за воена и хуманитарна помош за Украина во износ од 24 милијарди долари, што претседателот Џо Бајден сакаше да биде вклучен во буџетот. Според американските медиуми, гласањето би можело да се одржи на почетокот на следната недела.

Мала група републикански конгресмени, поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп, одбиваат да му дадат каква било нова помош на Киев, тврдејќи дека овие средства треба да бидат насочени за управување со миграциската криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.