Претседателот на САД во заминување Џо Бајден и дозволил на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади длабоко во територијата на Русија.
Ова, како што пренесуваат Њујорк тајмс и Би Би Си, го потврдиле за Ројтерс три извори запознаени со ова прашање, што претставува значајна промена на политиката на Вашингтон во руско-украинскиот конфликт.
Украина планира да ги изврши првите напади со долг дострел во наредните денови, велат изворите, без да откријат детали поради оперативни безбедносни причини. Оружјето најверојатно првично ќе биде употребено против руските и севернокорејските трупи за одбрана на украинските сили во регионот Курск во западна Русија.
Потегот на Бајден, кој доаѓа нешто повеќе од два месеци пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари, уследи по неколкумесечните барања на украинскиот претседател Володимир Зеленски до САД да и дозволат на украинската војска да користи американско оружје за напади врз воени цели длабоко во внатрешноста на Русија, како и по извештаите дека Северна Кореја испратила војници да и помогнат во војната во Украина, што предизвика тревога во Вашингтон и Киев.
Си Ен Ен, пак, објави дека Бајден ја укинал и забраната за американските воени изведувачи да се распоредуваат во Украина за да и помогнат на украинската војска да ги одржува и поправа борбените системи обезбедени од САД, особено авионите Ф16 и системите за воздушна одбрана Патриот.
Белата куќа засега не ги коментира овие информации.
(МИА)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.