Азиските берзи остро паднаа денеска, додека цените на нафтата, златото и доларот нагло пораснаа по информацијата дека рускиот претседател Владимир Путин одобри специјални воени операции во украинскиот регион Донбас.

Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, беше утрово во минус за повеќе од 3 отсто.

На токиската берза индексот Никеи потона за повеќе од 2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг паднаа меѓу 1 и 3,3 отсто.

Пазарите сега сфаќаат дека Русија ќе прави што сака, со оглед на слабите санкции, а сега во цената е вклучена и инвазијата на Украина“, вели Реј Атрил, стратег во Националната австралиска банка.

Инвеститорите стравуваат дека Европа ќе биде отсечена од рускиот гас, дека ЕУ не може да се справи со таков шок во понудата и дека ќе мора да ја ограничи побарувачката, што би било економски исцрпувачко. Повисоките цени на енергијата би можеле да го загрозат растот на глобалната економија, што е лошо за поризични инвестиции“, објаснува Атрил.

По информацијата за нападот на Украина, цената на нафтата нагло порасна. Цената на барелот на лондонскиот пазар скокна за 3,5 отсто, па за првпат од септември 2014 година се проби над психолошки важното ниво од 100 долари.

На американскиот пазар, пак, барелот поскапе за 4,5 отсто на 96,20 долари.

Како што се продлабочува една од најголемите кризи во Европа по Студената војна, американските фјучерси индекси утринава остро паднаа, повеќе од 2 отсто, најавувајќи пад на цените на акциите на Волстрит трет ден по ред.

Во претходните два дена, индексот Dow Jones и S&P 500 потона за повеќе од 2 отсто, а индексот Nasdaq за повеќе од 3 отсто. Како резултат на тоа, индексот S&P 500 падна длабоко во областа за корекција, повеќе од 10 отсто под претходното рекордно ниво, додека индексот Nasdaq е во пад од околу 16 отсто од почетокот на годината.

По значителниот пад во последните денови, индексот MSCI на светските берзи, кој ги следи случувањата на најголемите светски берзи, се лизна на најниското ниво од април минатата година.

На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна, а јапонскиот јен зајакна бидејќи инвеститорите бараат побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 96,70 поени, додека вчера беше 96,05 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 115,05 на 114,70 јени.

Но американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото падна на 1,1225 долари, додека вчера во ова време беше 1,1330 долари.

Бидејќи инвеститорите бегаат од поризични инвестиции, цената на унца злато утринава значително порасна, за 1,2 отсто, на 1.930 долари, што е највисоко ниво од јануари минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.