Австрискиот регулатор на финансиските пазари (ФМА) им нареди на системски важните банки во Австрија да ги зголемат заштитните слоеви капитал за вкупно 0,25 до 0,50 процентни поени како одговор на неизвесноста предизвикана од војната во Украина.

Тоа ја спроведува препораката на Одборот за стабилност на финансискиот пазар (ФСМБ) и се однесува на зголемените системски ризици што произлегуваат од дополнителните несигурности како што е руската инвазија на Украина, зголемените цени на енергијата и високата инфлација, се вели во соопштението на ФМА.

Заштитниот слој на капитал постепено ќе се зголемува до крајот на 2023 година во согласност со утврдените поединечни нивоа, се наведува во соопштението на австрискиот регулатор.

Меѓу банките кои се сметаат за системски важни банки во Австрија се Ерсте Груп (Erste Group), Рајфајзен банк интернешнал (Raiffeisen Bank International) и Уни кредит банк Австрија (UniCredit Bank Austria).

Добро капитализираните банки ја зајакнуваат нивната способност да ги апсорбираат загубите, а со тоа ја зголемуваат нивната стабилност и издржливост. Во време на голема економска несигурност, ова е од особено значење, велат извршните директори на ФМА, Хелмут Етл и Едуард Мулер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.