Француската новинска Агенција Франс прес (АФП) вчера објави дека во Париз поднеле тужба против платформата „Х“ на Илон Маск, порано позната како „Твитер“, обвинувајќи дека оттаму одбиваат да разговараат за можна исплата за дистрибуција на содржината на новинската агенција.

Во 2019 година, Франција усвои регулатива за „сродни права“ што ги принудува големите интернет-платформи да влезат во преговори со издавачите коишто бараат компензација за вести.

„АФП ја изрази својата загриженост поради јасното одбивање на ‘Твитер’ (неодамна преименуван во ‘Х’) да влезе во дискусија во врска со спроведувањето на сродните права…“, се вели во соопштението на новинската агенција.

Маск го критикуваше потегот на АФП со објава на ‘X’: „Ова е бизарно. Тие сакаат да им плаќаме за објави на нивните страници каде што заработуваат од реклами, а ние не!“

Француската антимонополска управа во 2021 година го казни „Гугл“ со 500 милиони евра поради непочитување на горенаведените правила. Оттогаш, интернет-пребарувачот најави решение на спорот и договори со АФП и неколку други водечки медиуми во Франција. Фејсбук, исто така, потпиша договори со некои француски издавачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.