Бројот на починати за време на овогодинешниот аџилак во Мека се зголеми на 1.301, изјави министерот за здравство на Саудиска Арабија, Фахад Ал Џалаџел, а објави Еј-Пи њус.

Министерот, чии зборови ги пренесе државната телевизија, рече дека причината за смртта е „патување на долги растојанија под директна сончева светлина“ без соодветна заштита, а меѓу загинатите има многу стари лица и луѓе кои боледуваат од хронични заболувања.

Околу 83% од смртните случаи се лица на кои не им бил одобрен аџилак, рече саудискиот министер.

Саудиските власти презедоа мерки против нелегалните аџии, протерувајќи десетици илјади луѓе. Но, многумина, главно Египќани, успеаја да стигнат до светите места во и околу Мека, a некои од нив и пеш. За разлика од овластените аџии, тие немаа хотели за престој во кои можеа да се вратат за да избегаат од жешкото.

Во соопштение од саботата, египетската влада рече дека 16 туристички агенции не обезбедиле соодветни услуги за аџиите. Се вели дека овие агенции незаконски го олесниле патувањето на аџиите во Саудиска Арабија користејќи визи кои не се важечки за патување во Мека.

Владата соопшти и дека надлежните лица од компаниите се упатени до јавниот обвинител за истрага.

Секоја година, десетици илјади верници се обидуваат да учествуваат на аџилакот без официјална дозвола, која се плаќа и се доделува според квоти, а која овозможува пристап до климатизирани простори.

Аџилакот е еден од петте столбови на исламот, а секој муслиман кој е здрав и финансиски способен, е должен барем еднаш во животот да ја изврши оваа верска должност, според начелата на исламот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.