На 20-ти вечерта трепкаше жолто sветло, а судот денеска дозволи да свети зелено и да помине неказнето, рече пред новинарите адвокатот на семејството Николови, Владимир Михајловиќ, за кого казната од три години затвор за возачот кој ја усмрти младата Викторија е несериозна.

Ваква казна од три години за вакво дело со смртни последици е премногу несериозна за премногу сериозно дело. Во консултација со јавното обвинителство најавивме дека ќе поднесеме барање за жалба на оваа пресуда и се надеваме дека Апелациониот суд ќе биде многу посериозен по дадената жалба на јавното обвинителство. Морам да нагласам дека имаме ситуација кога се е чисто, кога без разлика на признавањето на вина делото и со него и без него е такво какво што е, а имаме пресуда која за нив и за нас е ослободителна. Со тоа дозволуваме секојдневно сите ние, сите вие и оние гледаат да бидеме жртви на сообраќајното насилство. Оваа мора да престане веднаш, затоа што вака ќе имаме повеќе погреби на пешачки, отколку што ќе имаме веселби за убави работи, рече бранителот Михајловиќ.

И адвокатката Билјана Андонова, која го застапува повредениот пешак Леонид Даов, најави жалба за пресудата, која ја нарече „ослободителна“.

Таткото на почината Викторија, даде кратка изјава и посочи дека се згрозени од пресудата и затоа од овие причини има голем процент на недоверба во судството.

Од другата страна одбраната на обвинетиот Јордан Ѓорѓиев, наведе дека пресудата за нив како одбрана е задоволителна и дека за казната од три години нема да се жалат, но ќе поднесат жалба за одлуката за притвор. Според нив, домашниот притвор во правото е притвор што ограничува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.