Во дводневна официјална посета на Србија вечерва ќе пристигне кинескиот претседател Си Џинпинг со делегација од 400 членови, кој ќе има средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Освен податокот дека посетата на кинескиот претседател ќе ја обезбедуваат 4.500 полицајци, малку детали од агендата се познати, а голем број домашни и странски новинари во Белград не добија акредитација за следење на овој настан со изговор за „ограничен број на медиуми и принципот на реципроцитет со гостинскаката делегација“ со што настанот може да го следат како и гледачите на РТС или преку Танјуг.

Според РТС Си Џинпинг од Париз ќе пристигне вечерва во Белград, каде веќе се поставени кинески знамиња. Него ќе го пречекаат српски ловци МиГ-29 кои ќе го следат неговиот авион во српскиот воздушен простор, а во негова чест на белградскиот аеродром ќе биде построена гардата на Вооружените сили на Србија. Свечен пречек на кинеската делегација ќе биде организиран пред Палатата Србија.

Си доаѓа во Белград на 25-годишнината од уништувањето на зградата на кинеската амбасада во НАТО бомбардирањето на Србија, како дел од неговата прва посета на Европа во последните пет години, во која престојуваше само во Франција, Србија и утре во Унгарија.

Се очекува Си и Вучиќ да разговараат за широк спектар на теми, од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата. Се очекува тој да го отвори и Кинескиот културен центар во Белград, изграден на местото на бомбардираната кинеска амбасада, каде што на 7 мај 1999 година беа убиени тројца кинески новинари.

Во денешниот авторски текст на Политика, кинескиот претседател посочи дека „како челични пријатели и чувари на светскиот мир, Кина и Србија имаат слични ставови за многу важни меѓународни и регионални прашања и дека, соочени со меѓународната ситуација испреплетена со промени и турбуленции, треба континуирано да ја зајакнуваат координацијата во меѓународните организации како што се Обединетите нации и други“.

-Кина и Србија дополнително ќе го продлабочат и прошират сеопфатното стратешко партнерство. Двете страни континуирано ќе се движат по патот на меѓусебно разбирање, доверба, поддршка и помош и ќе продолжат цврсто да се поддржуваат меѓусебно во важни прашања од витален интерес и исклучително значење. Кина го почитува и поддржува изборот на Србија за развојниот пат, ги поддржува напорите што Србија ги вложи во зачувувањето на националниот суверенитет и територијалниот интегритет, спротивставувајќи се на мешање на која било сила во внатрешните работи на Србија, напиша Си Џинпинг во авторскиот текст на Политика.

Кинескиот претседател доаѓа во Белград околу шест месеци по посетата на Вучиќ на Пекинг, при што претставниците на Србија и Кина на меѓународниот форум „Појас и пат“ во присуство на двајцата лидери го потпишаа Договорот за слободна трговија кој треба да стапи во сила во јули.

Владата на Србија на 30 април донесе акти за унапредување на соработката со Кина во областа на образованието, науката, иновациите, технолошкиот развој, како и економско-техничката соработка во областа на инфраструктурата.

Пред втората официјална посета на Си на Србија во последните осум години, Вучиќ изјави дека Кина е „најдобар партнер“ на Белград во остварувањето на националните цели, велејќи дека кинескиот претседател е „најмоќниот човек на светот“.

Белград и Пекинг ги зближува политиката на Србија – воена неутралност и неусогласеност на надворешната политика со ЕУ во однос на Кина и Русија, како и заеднички однос кон прашањето за територијалниот интегритет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.