Претставниците на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) денеска на средба со дел од владиниот економски тим ги изнесоа предизвиците од економската и енергетската криза и побараа поддршка за нивно полесно надминување.

Делегацијата на ЗЕЛС ја предводеа претседателката и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, како и потпретседателите, градоначалникот на Валандово Перо Костадинов и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу. Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак, беше придружуван од министрите за финансии, економија и  локална самоуправа, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Горан Милевски.

Вицепремиерот Битиќи и претставниците на Владата посочија дека за секое прашање, кое е важно за граѓаните се води отворен дијалог и притоа ја истакнаа отвореноста за соработка со единиците на локална самоуправа за заедничко надминување на тековните предизвици. Сите теми кои се важни за граѓаните, за нормално функционирање на општеството треба да се дискутираат и да се најдат најсоодветни решенија кои се во општ интерес, информира владината прес-служба.

Во соопштението се наведува дека предизвиците со кои се соочуваат граѓаните се заеднички, а Владата е отворена за дискусија за изнаоѓање најсоодветни решенија за нивно надминување.

На работната средба во Владата, во делегацијата на ЗЕЛС беа и градоначалниците на Теарце и на Радовиш, Нухи Незири и Ацо Ристов, како и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.