Денеска во Бутел започна акцијата за хортикултурно уредување со формирање на зелен коридор на улица Бутелска. На површина од 1496 квадратни метри започнува обновувањето и засадувањето нова тревна површина и одржување на вегетацијата.

Во Скопје секоја година ќе се засадуваат по 100 илјади нови садници. Започнавме со спроведување на овој проект, а денеска отпочнуваме со работа во Бутел, каде што со засадувањето нови садници позитивно ќе влијаеме врз животната средина, но и ќе ја превенираме можноста за непрописно паркирање- изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Реализацијата на зелениот коридор во Бутел ќе се одвива со фрезирање на постојната подлога, нанесување нова квалитетна почва, поставување систем за полевање и садење ново зеленило.

Овие проекти се важни за граѓаните. Зеленилото значително ќе го намали загадувањето, а во исто време ќе го разубави просторот. Со овој проект предвидено е и изведба на мини плоштад за одмор, додека во средишниот појас на зеленилото ќе се засадат зимзелени и листопадни дрвја – рече градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.

На новата уредена зелена површина ќе се засадат листопадни и зимзелени садници и украсни грмушки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.