Општина Центар продолжува со санација на оштетените плочници кај Градски ѕид. По завршената реконструкција зад Блок 2, во тек е ревитализација на платото пред Зелениот пазар. Станува збор за замена на општетените и искршени терацо плочки на околу 500 метри квадратни кои поради дотраеноста довеле до прокиснување во подземните гаражи. Од тие причини, во овој градежен зафат е предвидено вадење на сите слоеви до армирано бетонската плоча и поставување нова хидроизолација, порамнителен слој и нови гранитни плочки.

Конечно, по долго време, со оваа санација плочникот ќе прерасне во современ простор, со што ќе се подобрат неговата функција и квалитет и ќе претставува одлично место за одмор и рекреација на жителите на Општина Центар, изјави градоначалникот Горан Герасимовски и истакна дека ова е само уште едно реализирано предизборно ветување.

Вкупната вредност на овој зафат е 5.093.470 денари, а санацијата ќе трае до крајот на април 2023 година. Со обновата на плочникот ќе се зголеми и безбедноста на движењето на пешаците околу Зелениот пазар но и ќе се забрани и поставување на дивите пазарџии кои го нарушуваа слободниот простор за пешаци и ги узурпираа јавните површини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.