Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против 60 годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста предвидено во член 144 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Како што денеска информираа од Јавно обвинителство на Република Македонија, на 4 октомври, осомничениот со моторцикл дошол пред куќата на градоначалникот на Општина Карпош и неговото семејство, па без причина најпрво започнал на висок тон да го навредува, а потоа и вербално да се заканува дека ќе го убие и ќе му го уништи животот. Со заканите продолжил и кон сосед кој случајно поминувал таму.

Истиот ден, во вечерните часови, осомничениот телефонски му се јавил на градоначалникот и продолжил да му се заканува. Откако оштетениот го прекинал телефонскиот разговор, продолжил да му испраќа заканувачки пораки на вибер-апликација. Додека оштетениот го пријавувал настанот во полициска станица, осомничениот отишол во неговиот дом, викал и упорно ѕвонел на влезната врата, вознемирувајќи ги членовите на семејството, појаснуваат од Обвинителството.

Јавниот обвинител на судот му предложил да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува, да воспоставува или одржува контакти со оштетените лица на кои им ја загрозил сигурноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.