„Денешното соопштение на СДСМ е школски пример за тоа како да напишеш нешто, а да не кажеш ништо. Напротив, уште еднаш да ја потврдиш тендерската матрица во која си влезен. СДСМ во денешното соопштение по којзнае кој пат покажа аматерско непознавање за проектите на Општина Аеродром“ информираат од скопската општина.
Оттаму посочуваат дека „денешното соопштение уште еднаш ја потврдува паниката во редовите на оваа партија, за фактот дека Аеродром забрзано се гради и развива, но и за фактот дека е ставен крај на делењето тендери по партиска директива и по желби на партии и партиски функционери“.
„Лесно е да се види што е сработено насекаде околу нас. За тоа говорат проектите, новите училишта, градинки, игралишта, улици и велосипедски патеки. Нема поубава слика од моментот кога ќе ги видиш радосните лица на дечињата кои трчаат на новото игралиште, спортистите што тренираат на спортските терени или велосипедистите кои возат по новите велосипедски патеки. Сработеното за само 365 дена е очигледно за сите аеродромци, а промената и разликата од претходните четири години е далеку повидлива во овој краток период“.
„Токму поради тоа, времето потрошено за пишување бледи нарачани соопштенија со кои се врши обид да се лаже и замајува јавноста, подобро е да се потроши за читање и следење на реализираните проекти. Подобро е да се потроши на давање конструктивни идеи и предлози, а не на неиздржани критики зад кои се крие разочараноста од поразот по само четири години и губењето на можноста за раководење со тендерските постапки кои претходно ги користеа за личен и партиски бенефит. Доволно е да провери секојдневниот отчет на општината на Фејсбук или веб-страницата на Аеродром и сé ќе биде многу појасно“ стои во општинското соопштение.
„Жителите на Аеродром следат, знаат што се случува и повеќе од јасно им е дека Општина Аеродром се води домаќински, а парите наместо на луксузирање и непродуктивни трошоци завршуваат за проекти од кои бенефит имаат сите категории граѓани. Општина Аеродром, денес е општина во која се гради и инвестира, лидер во штедење, локална самоуправа во која се работи одговорно и не се троши на скапи ручеци, превоз и трошоци за репрезентација. Тие пари се вложуваат во нови градинки, училишта, игралишта и спортски центри. И тоа е болката на СДСМ“ велат оттаму и потенцираат:
„Најубава општина во Скопје, и најубав Аеродром – таков каков што сакаат граѓаните“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.