Во Домот на култура „Димитар Влахов“ и на плоштад Коцка во населбата Гази Баба денеска и утре ќе се одржи ГАЗИ БАБА ХИП ХОП ФЕСТ.

Организаторите информираат дека настанот ќе се реализира бидејќи на младите во Скопје, посебно во Гази Баба, им е потребно заживување на алтернативната културна сцена.Учесници на фестивалот се хип хоп активисти од Гази Баба и пошироко.

Сабота е ден наменет за тинејџерите кои можат да присуствуваат на танцов перформанс на колективот Еурека, а подоцна и на теориска и практична обука (цртање на графити на отворено) за графити уметноста со Vutar.95.

Во недела ќе се одржи интерактивна трибина на актуелна тема – хип хоп културата во општество на конзумеризам со Кацар и Сузи Тенева на која посетителите ќе можат да се вклучат со своето мислење, по што ќе следи рап концерт и неформална хип хоп дружба со Давид Блек, Пецо Исток, Алфа и Тони Зен.

За анимација на публиката во недела со почеток од 18 часот ќе биде задолжен DJ Drazi Drags.

Настанот е во организација на општина Гази Баба и Домот на култура „Димитар Влахов“ и е бесплатен за сите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.