Советниците на Советот на Град Скопје денеска со 28 гласа „за“, еден воздржан и без ниту еден глас против го донесоа Предлог-развојниот план за јавен превоз на патници на подрајчето на Град Скопје за периодот 2024-2026 година.

Од Секторот за сообраќај при Град Скопје информираа дека со овој развоен план се прикажани активностите кои се преземаат во следниот тригодишен период со цел задоволување на потребите на граѓаните, напредок и подобрување на јавниот превоз во главниот град.

Додаваат дека ќе се продолжи со обнова на урбаната опрема на автобуските стојалишта и терминалите, како и унапредување на системот за информирање на патниците.

Се предвидува усовршување на интегрираниот тарифен систем со цел да се подобри квалитетот на превозот и за поголема проточност на патници во возилата, субвенционирање на такси превозот во Скопје преку јавен повик за субвенионирање на еколошки такси возила.

Советниците не ја донесоа Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација  на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје, како и Одлуката за набавка на еко-автобуси. 

Советниците на Град Скопје не го поддржаа предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за набавка на нови екоавтобуси, со кои би се растоварил градскиот сообраќај.

Данела Арсовска не изнесе никаков план за решавање на состојбите во ЈСП и надминување на состојбите со хаосот со јавниот превоз. Нејзиниот единствен предлог беше задолжување на градот за набавка на нови автобуси кои би дошле по една година. Ставот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата е дека на Скопјани не им треба решение по една година какво предвидува Арсовска и тоа преку ново нилионско задолжување на градот, туку решение кое ќе почне да функционира од понеделник кога стартува новата учебна година. Тоа што СДС, ДУИ и Арсовска се обединија околу раскрчмување на градските ресурси говори за тоа колку неспособноста и криминалните мотиви се присутни при носењето на одлуки во Скопје. Арсовска не изнесе никаков план иако ветуваше решенија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во образложението на својата одлука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.