Управниот суд утврди дека е незаконско решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на МКЦ и побара од Град Скопје да го поништи решение. Според вработените и Алексов и натаму си доаѓа на работа, а градската управа не соопштува дали ќе ја спроведе пресудата.

Пресудата Управниот суд ја донесе на 28 април годинава по тужбата што ја покренаа вработените кои тврдеа дека Алексов е незаконски поставен на директорската позицијата.

Тој го презеде управувањето со култната скопска културна институција во јануари годинава иако имаше диплома за детектив, заменувајќи го Ванчо Богоев кој пак обвини дека е сменет затоа што не потклекнал на притисокот од генералниот секретар на Град Скопје да го потпише вработување на музичарот Арбен Шакири познат во јавноста како Бени.

Своевремено, по бурните реакции на културната јавност и вработените за смените во МКЦ, градоначалничката Данела Арсовска тврдеше дека ги почитувала сите законски процедури при назначувањето на Алексов.

Никола Алексов на 19 јануари беше назначен за в.д. директор, а веќе следниот ден од Град Скопје беше најавена ревизија која траеше во наредните денови по што Арсовска откри дека минатата година во МКЦ биле склучени над 250 договори за ангажирање луѓе спротивно на закон, без да се потпишат договори за времено вработување или да се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања. Најмногу од ангажираните биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а од вкупниот број договори дури 90 биле со шанкери, кои месечно добивале од 350 до 750 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.