Препораките и мерките коишто беа воведени поради аерозагадувањето во Скопје се укинати, а од денеска не важи и одлуката за бесплатен јавен градски превоз.
Министерството за животна средина и просторно планирање вчера соопшти дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во Скопје се под дефинираниот праг на алармирање, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање што беа воведени во саботата.
– Согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на ден 26.12.2022 година, среднодневните концентрации на ПМ10 суспендираните честички во Скопје се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар и епизодата од два последователни дена е прекината, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање, соопшти МЖСПП.
И од Јавното сообраќајно претпријатие информираа дека од денеска престанува да важи одлуката за бесплатен јавен градски превоз која беше донесена во саботата со цел справување со загадувањето на амбиенталниот воздух.
Препораките и мерките по препорака на Министерството за животна средина и просторно планирање беа воведени во саботата во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од неделата и во Гостивар. Со нив, од работни обврски се ослободија бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Дел од препораките беа и да се реорганизира работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, а се препорачуваше и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Во Скопје мерките беа воведени откако на мерното место во Центар во четвртокот беа измерени концентрации на ПМ10 честички од 160,34 микрограми на кубен метар, а во петокот 248,51 микрограми на кубен метар, додека во Лисиче во четвртокот беа регистрирани 189,94 микрограми на кубен метар, а во петокот – 259,01 микрограми на кубен метар.
Како дел од пакетот мерки што ги презема Градот Скопје, покрај бесплатниот јавен превоз, беа и зголемени вонредни инспекциски контроли на Б инсталации и инсталации елаборати кои се во надлежност на Град Скопје, зголемени вонредни инспекциски контроли на градилишта и зачестено чистење на улиците и пешачките зони во надлежност на градот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.