ЈП Дрисла во минатото потрошило 850.000 евра на тендер за изнајмување механизација од струмичка компанија блиска до поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Компанијата е блиска и до струмичкиот клан, омилен на централната власт, изјави Галески, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на советот на Град Скопје наменета за советнички прашања.
Бидејќи ова претставува основен сонмеж за корупција, Галески праша дали актуелниот директор планира набавка на сопствена механизација за да се спречат сомнежи при ангажирање на компании.
Директорот на ЈП Дрисла, Јане Мицевски во својот одговор истакна дека досегашната пракса за изнајмување градежни машини од надворешни компании од денес прекинува и станува минато, а претходното раководство трошело многу повеќе пари за таа намена.
– Во текот на вчерашниот ден пуштени се во употреба 4 нови градежни машини, кои Јавното претпријатие „Дрисла“ ги набави со сопствени средства и со тоа во иднина нема да имаме потреба да изнајмуваме градежни машини од надворешни компании, посочи Мицевски.
Галески упати и две прашања до директорот на ЈП Водовод кои се однесуваат на можноста на плаќање на сметките без камати, но и во врска со инвестициите на водоводната и канализациона мрежа кои очигледно беа запоставени од претходното раководство
За директорот на ЈП Водовод Галески имаше две прашања.
Започна одлична акција, со оглед дека голем дел граѓани имаат економски потешкотии, а тоа е можноста за плаќање на сметки за вода без камата, колку е искористеноста на оваа акција? Второ прашање е дали се планира инвестиции во однос на водоводната и канализационата мрежа со оглед дека Скопје има децениска зпоставеност во одредени делови на градот, праша Галески.
Во однос на прашањата директорот на ЈП Водовод, Златко Перински истакна дека во врска со акцијата за наплата на сметки без камата од страна на стопанството и домаќинството реализирани се 310 договори во вредност од 22 милиони денари, додека во врска со реконструкцијата на водоводната и канализациона мрежа согласно постоечката рамка со важност до 15 април планирано е реконструкција на 7 улици во четири општини во вредност од 40 милиони денари.
– И во таа насока согласно потребите на Градот Скопје и на останатите општини, со новата рамковна спогодба која што ќе ја склучиме некаде после 16 април дополнително околу 90 милиони денари во делот на водоводната мрежа ќе ни бидат на располагање за реконструкција и околу 70 милиони денари ќе ни бидат на располагање за реконструкција на канализациона мрежа. Така што имаме доволно средства предвидено во оваа година, ќе ги обезбедиме и ќе можеме да одговориме на потребите на граѓаните скоро во сите општини, вели Перински.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.