Стар Аеродром добива зонско паркирање, информираат од општина Аеродром.
🅿️ Населбата Стар Аеродром наскоро ќе добие зонско паркирање по барање на граѓаните, кои со години се соочуваат со недостиг на слободни паркинг места, како и узурпација на зелени површини, пешачки патеки и тротоари од возилата. Општина Аеродром изминатиот период спроведе анкета меѓу тамошните жители, при што над 90% од анкетираните кои можеа да се изјаснат „За“ или „Против“ се изјаснија позитивно и дадоа зелено светло за оваа иницијатива. Анкетата опфати 18 згради кои се наоѓаат на булеварот „Јане Сандански“ и улиците „23 Октомври“, „Ангел Димовски“ и „Коста Новаковиќ“.
🗣 „Станува збор за густо населен и многу фреквентен дел каде што жителите долги години имаат проблем со недостиг на слободни места за своите возила. По нивно барање ќе воведеме зонско паркирање, како едно од најсоодветните решенија за овој дел од Аеродром. Зонското паркирање кое е воспоставено и во други делови од општината се покажа како успешен начин за решавање на еден од најголемите проблеми со кои граѓаните се соочуваат“, рече градоначалникот Тимчо Муцунски кој денеска заедно со директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски изврши увид на локациите кадешто ќе се воведе зонско паркирање.
🗳️ Со оваа одлука на граѓаните, Општината во соработка со ЈП „Градски паркинг“ ќе ги преземат сите соодветни чекори за регулирање на паркирањето во овој дел, а со што ќе се зголеми безбедноста на возачите и пешаците.
📊 Истовремено, Општината спроведува анкети меѓу граѓаните и за воведување зонско паркирање и во Ново Лисиче, а наскоро ќе започне анкетирање на жителите во Реонски центар. Интензивно и многу посветено работиме на што побрзо изнаоѓање квалитетни и трајни решенија околу проблемот со паркирањето на ниво на целата територија на Општина Аеродром.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.