Наталија Митовска, е нов генерален секретар на Град Скопје. Митовска е сопственичка на продукцијата „Трипл диџит продакшн“ и сопруга на сопственикот на порталот „Инфомакс“ Александар Митовски – Мечка. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го разреши од функција досегашниот генерален секретар Зоран Глигоров и на негово место ја назначи Митовска, објави „СДК.мк“.

Разрешувањето на Глигоров, кој беше најблизок соработник на Арсовска, доаѓа откако неговата сопруга го пријави во полиција за семејно насилство.

Од стапувањето на функција, Арсовска многу често гостува на „Инфомакс“ и таму соопштува информации за својата работа.

Од кабинетот на Арсовска велат дека Митовска доаѓа на функцијата како „професионалец кој значително ќе придонесе во работата на Градот“.

Митовска била носител на високи раководни функции во Владата. Од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник-министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции. Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година“, велат од Градот.

Митовска (порано Ивчева) беше членка на ВМРО-ДПМНЕ во време на лидерот Љубчо Георгиевски, за да премине во Обединети за Македонија под раководство на Љубе Бошкоски, по што повторно се врати во ВМРО-ДПМНЕ.

Во септември 2022, поткрепувајќи со документи, „Фокус“ објави дека Митовска е една од надворешните соработници која од Град Скопје е ангажирана да го реализира проектот „Ритам на чаршијата“ во вкупна парична вредност од 22.764 евра во времетраење од една година, за хонорар од по 55.000 денари месечно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.