Поднесеното барање до Советот на Град Скопје од страна на Советничката група на СДСМ и коалицијата за свикување итна вонредна седница за загадувањето на воздухот е некомплетно, бидејќи не е задоволен условот од Статутот и Деловникот на Град Скопје, дека барање за вонредна седница можат да поднесат најмалку 15 или една третина од членовите на Советот, изјави денеска претседателот на скопскиот градски Совет, Трајко Славески.

Сепак, според него, иако не е исполнет овој услов, барањето итно го препратил до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со молба за мислење по сите седум иницијативи предложени како точки на дневниот ред.

Синоќа со порака од градоначалничката Арсовска, бев известен дека во текот на денешниот ден треба да добијам, како претседател на Советот, мислења на Град Скопје по изнесените барања, вели Славески, додавајќи дека досега нема добиено такво мислење.

Славевски нагласи дека за барањето разговарал и со координаторката на Ссоветничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Љубица Јанчева.

И таа е свесна дека не е задоволен условот од една третина од членовите на Советот за свикување на вонредна седница по барање на советниците. Но, доколку во текот на денот, да речам, уште некој советник се приклучи кон нивното барање, а досега нема, и доколку добиеме мислење од градоначалничката Арсовска, се разбира, еве јас ќе постапам според обврските од деловникот и ќе се договориме за датум за седница – рече Славески.

Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје денеска информираше дека поднела иницијатива за свикување вонредна седница за загадувањето во главниот град.

На иницијативата поддршка дадоа и советниците од политичките партии ДОМ и ЛДП. Предлагаме и конкретни мерки што имаат за цел намалување на загадувањето. Преку мерките, бараме итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, миење на улиците и јавните површини со цистерни, безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност, посочија од СДСМ.

Оттаму го повикуваат Славески, да ја прифати иницијативата и да закаже седница, каде ќе се дискутира за енормното загадување „што веќе со недели му се случува на Скопје“.

Енормното загадување е проблем за сите жители на Скопје, а усвојување на мерки за негово намалување треба да биде врвен приоритет за градска власт. Одбивањето на иницијативата од страна на ВМРО-ДПМНЕ е доказ дека оваа партија мисли само на тендери и провизии. ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Данела Арсовска да не тераат инает, туку веднаш да преземат мерки за намалување на аерозагадувањето. Кога станува збор за здравјето на сите граѓани, нема и не смее да има простор за каква било дневна политика, се нагласува во соопштението на Советничката група на СДСМ и коалицијата.

Славевски, од своја страна, нагласи дека сите сакаат граѓаните на Скопје да имаат поквалитетен живот и воздух, но „треба да бидеме свесни за ограничувањата дека голем дел од проблемите со загадувањето на воздухот бараат долгорочен пристап“.

Но, има и такви мерки, изнесени во барањата, што доколку се преземат, би се намалило загадувањето. На пример, она што е со полевањето вода на улиците, односно миењето на улиците заради прашината, понатаму зајакнување на услугите коишто ги дава ЈСП и слично. Сепак, не би можел да коментирам за барањата да се зголемат средствата во буџетот наменети за заштита на животната средина и она што беше со помош на училиштата за премин кон горива за греење коишто не загадуваат – додаде Славески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.