По повод меѓународниот ден на танцот, вчера на Плоштад Македонија се одржа Флеш моб, во организација на танцовото студио „Брејк А лег“, кое години наназад го одбележува овој ден на спектакуларен начин. Вчерашниот Флеш моб настан предизвика позитивни реакции кај случајните минувачи, благодарение на неверојатната енергија што им ја пренесоа танчерите со настапот на песната „Can’t Touch This“ од MC Hammer. Плоштадот беше разигран во ритамот на повеќе од 500 млади танчери, кои заедно го креираа импресивниот Флеш моб во срцето на градот.
На Флеш мобот учествуваа танцовите клубови „Аква“, „Ит Да Бит“ и „Брејк А Лег“.Исто така, вчера присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која низ насмевка изјави дека е неизмерно среќна и горда на сите 500 млади деца, кои вчера го разиграа центарот на градот и направија одлична, позитивна атмосфера. Исто така, Арсовска сподели дека и е чест и задоволство што го Град Скопје е поддршка за Светскиот шампионат во хип хоп 2024 година и дека се радува што токму Скопје, ќе биде домаќин.
Инаку, градот Скопје се подготвува да заземе централно место како горд домаќин на претстојниот Светски шампионат во хип хоп 2024. Овој настан се очекува со нетрпение и ветува дека ќе биде ексклузивна прослава на хип хоп танцот, културата и меѓународното другарство, ставајќи го Скопје во центарот на вниманието на глобално ниво.
Светското првенство во хип хоп 2024 ќе се одржи во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, во организација на клубот „Брејк А Лег“, од 8 до 17 октомври. Подготовките за овој грандиозен настан кои започнаа уште од минатата година се во полн ек, и токму затоа исчекувањето се зголемува, а Скопје е подготвено да ги пречека најталентираните и најстрасните танчери во светот. Изборот на Скопје за град домаќин не само што го нагласува неговото појавување на глобалната сцена, туку и ја потврдува неговата посветеност на негување на танцот како уметност.
Скопје ќе биде домаќин на скоро 6000 танчери од повеќе од 30 земји од светот, од пет континенти. Токму поради овие фасцинантни бројки, овој настан е одлична можност за промовирање на македонската култура, уметност и традиција, но и потврда дека во Македонија има квалитетни танчери со неверојатни вештини и страст кон танцот. Сето тоа, го препозна и Светската танцова организација и ја поддржа идејата Скопје да биде центар на хип хоп доживувањето.
Танцовото студио „Брејк А Лег “, во своето портфолијо има организирано голем број на вакви светски настани, па благодарение на долгогодишното богато искуство, подготви низа активности и настани кои се во знак на светското првенство што следува, меѓу кои и спектакуларниот концепрт на двете музички, мега ѕвезди, Пајак и Voyage, кој ќе се случи на 11.10.2024 во С.Ц Борис Трајковски.
Скопското топло гостопримство, богатата историја и енергичната атмосфера несомнено ќе остават траен впечаток кај сите оние кои ќе присуствуваат на Светскиот шампионат во хип хоп 2024 година.
Остануваат уште неколку месеци до Светскиот шампионат, а дотогаш, организаторите ќе продолжат позитивно да ја изненадуваат македонската јавност со интерактивни настани, концерти и активности во духот на хип хоп културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.