Тимот на „Скопје лајт арт дистрикт“ вчеравечер на небото над Скопје иницираше серија аудиовизуелни инсталации, ласерски проекции и 3Д-мапирања на Поштата, Телекомуникацискиот центар, Скопското кале и високите кули во Карпош 1 и 2, по повод одбележувањето на катастрофалниот земјотрес од 1963 година.
Инсталациите дадоа илустративен приказ на катастрофалниот земјотрес и на процесот на реконструкција што следуваше. Покрај овие изложби, беа емитувани и значајни пораки од Тито, меѓу кои и неговата позната изјава од 27 јули 1963 година: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница, тоа ќе стане гордост и симбол на братство и единство, на југословенската солидарност“.
Паралелно, на видео ѕидовите на плоштадот „Македонија“, Националната опера и балет и на трговскиот центар „Ист гејт“ беа проектирани филмски извадоци од „Филмски новости“.
Во организација на Министерството за култура и Владата, овој настан е дел од поширокиот културен проект „Скопје во пет и седумнаесет“.
Преку овие културни потфати се одбележува 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес, потсетувајќи нѐ на историската издржливост на Скопје. Скопје не заборава – Скопје се сеќава, се вели во соопштението на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.