Скопјани веќе подолго време се гневни на работата на погребалното претпријатие АД Бутел. Корисниците на услугите најмногу реагираат на хаосот на гробиштата, иако, како што велат, редовно плаќаат за одржување на гробното место.

Ѓубре, висока трева, грмушки и дрва пред паѓање, но и кучиња скитници…

Дел од граѓаните организираат онлајн петиција со која се надеваат дека ќе ги сменат нештата на подобро, но се закануваат и со тужба.

Граѓаните имаат право во замена за уредно плаќање на трошоците да добијат пријатно уредено место за испраќање во вечно почивалиште на своите најмили, се наведува во петицијата.

Состојбата на гробиштата Бутел е катастрофално лоша. Си плаќаме секоја година закуп за гробните места, а во замена за закупнината не добиваме ништо. Купишта ѓубре на сите страни, неисечени гранки, паднати натписи за алеите, неискастрена трева и коров. За улиците и патеките да не зборувам…Мислам дека треба да се здружиме, да им доставиме петиција во врска со нашето незадоволство па и да ги тужиме, вели еден скопјанец.

-Да се тужи ова претпријатие и да платат оштета. Како знаат да бараат пари на годишно ниво за одржување, така да си ја вршат работата, реагира друг корисник.

Градските гробишта Бутел во Скопје и натаму се лоша слика за градот и неубав пример за почит кон починатите, коментираат скопјани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.