Советникот во Советот на Град Скопје, Филип Јаневски, на денешната седница на Советот истакна дека минатото раководство на градот има само 13 капитални инвестиции, а две од нив чинат повеќе од 400 милиони денари.

Јаневски констатираше дека претходниот состав на советот има најмногу изедени бифтеци по глава на советник од било кој претходен состав на Советот.

Би сакал да се осврнам на вашето фалење, колку вие сте се грижеле за животната средина, колку паркови сте направиле…Дигитализација на парк шума Водно 0 денари реализирани, заштита на локалитет Водно 0 денари реализирани, заштита на локалитет кањон Матка 0 денари…Изработка на техничка документација за спречување на ерозија за скопски регион 0 денари. Не знам како вие сте се грижеле за животната средина кога работите што најмногу сте требале да обрнете внимание не сте обрнале  – истакна Јаневски.

За извештајот за реализација на капитални инвестиции на Град Скопје, целиот извештај е пола страна. Една година ја собира на пола страна, 13 инвестиции има, едната е набавка на садници и подигнување на јавното зеленило на магистрални улици за што се потрошени 3 милиони евра.

Ова не се десило. Нигде нема резултати од вашиве инвестиции. Ја спомнавте Универзална сала, 4 години ја почнувате и минатата година сте потрошиле 42 милиони денари и уште не е завршена. Бидете убедени дека ние ќе ја завршиме побезбедно од било кога што вие сте можеле да ја направите.

Не знам со кој образ излегувате овде и кажувате што сте постигнале.

Дел од овие 13 капитални проекти се изградба, одржување и партерно уредување на кеј на реката Вардар за кој се потрошени фантастични 107 милиони денари. Набавка на урбана упрема, фазна реализација на булевар АСНОМ 262 милиони денари, изградба и одржување на булевар Босна и Херцеговина 172 милиони денари.

За две улици имате потрошено над 400 милиони денари. Ова не е за фалење. Сте заборавиле да напоменете дека имате најмногу изедени бифтеци по глава на советник во било кој од претходните мандати.

За тоа има пари ама не сте успеале да ја завршите Универзална сала.

Голем дел од приливите на буџетот доаѓаат од кредити. Во година кога сте имале 41% реализација на самофинансирачки активности, а сте го задолжиле градот за 260 милиони, вие сте се расфрлале со пари како да ќе нема утре – рече Јаневски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.