Ќе пристигаат ли казни за сообраќајни прекршоци на домашна адреса? Вакви муабети се раширија меѓу корисниците на социјалните мрежи откако беа забележани нови камери на скопските раскрсници. Уреди во сина боја се поставуваат до веќе постоечките камери, а од МВР за „Република“ велат дека тоа се камери кои се поставуваат во рамките на проектот „Безбеден град”.
На прашањата дали се планира воведување на казни за брзо возење, поминување на црвено светло и слични сообраќајни прекршоци кои се регистрирани од овие камери, од Министерството велат дека тие сè уште се поставуваат и дека откако сите предвидени ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци.
Потенцираат и дека камерите сè уште не се во функција.
По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект соодветно ќе ја известиме јавноста, велат од Министерството.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна ја најави надоградбата на системот „Сејф сити“, но зборуваше за вклучување на автопатиштата низ државата и други поголеми градови.
Во овој момент го имаме само во Скопје, Куманово и Тетово, а во тек е процес на надграба на целиот овој систем. Надградбата ќе ги вклучи и автопатиштата низ државата и овие три градови и тука ќе се вклучи, секако, и електронското утврдување на собраќајните прекршоци. Идејата е да се прошири, пред се, во големите градови кадешто имаме поголема фреквенција на луѓе. Штип е е еден од тие градови, иако мораме да кажеме дека Истокот, подрачјето на Штип е мирно, стабилно, меѓутоа секаде кадешто имаме видео надзор имаме подобрување на безбедносната состојба, но ни помага и во откривачката дејност на јавната безбедност, рече Спасовски во одговор на новинарското прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.