Поради претстојното 20. јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, што ќе се одржи на в недела, на 6 октомври, а на кој ќе учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји, во недела со почеток од 03:00 часот, ќе важи привремен режим на сообраќај во главниот град.
Ова значи дека одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14 часот.
На 6 октомври, започнувајќи од 03:00 часот, сообраќајот ќе биде затворен од Градска Болница, сѐ до Палома Бјанка, а целата патека се затвора исто во недела, 06.10.2024, од 06:00 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад Македонија. Локација за старт на сите трки e Собрание на Р. Македонија. Време за старт на сите трки e 08:00 часот, но организаторите апелираат тркачит да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка Црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а Маратонците трчаат уште еден круг.
За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот Тинекс ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.
Организаторите на Виз Ер Скопскиот маратон ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката. Од ЈСП Скопје, пак, ги информираат скопјани дека во период од 07:00 до 14:00 часот, поради одржување на маратонот, дел од возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, а дел воопшто нема да се вклучат во сообраќај. Во период од 07:00 до 14:00 часот нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.
На Маратон и Спорт Експо 2024 на 4 и 5 октомври во СЦ Јане Сандански секој тркач може да го подигне својот стартен пакет во период од 10:00 до 20:00 часот. Влезот на Експото е бесплатен. На 5 октомври (сабота) од 17:00 до 20:00 часот ќе се одржи и традиционалната pasta party.
Министерството за спорт е главен покровител на Виз Ер Скопски маратон 2024, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.