Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово, Масимилиjано Паолучи, присуствуваше на отворањето на новата детска градинка „Сонце“ во населбата Волково, општина Ѓорче Петров. Со изградбата на објектот, децата до шест години од Волково, добиваат пристап до квалитетна социјална услуга за ран детски развој во нова градинка, која за првпат е изградена во ова населено место.

Изградивме уште еден објект, уште една градинка, која, верувам, ќе донесе многу детски насмевки. Со новата градинка „Сонце“, решаваме еден повеќедецениски проблем за граѓаните од овој дел на градот.

  

Градинката во Волково е изградена според современи стандарди и има капацитет за згрижување на 150 деца. Грижата за нашите деца се наш врвен приоритет. Обезбедуваме континуитет во зацртаното со реализација на нови градинки или доградување на постоечките. Од 2017 година до денес, отворивме 75 градинки со опфат од 5.500 деца, а заедно со оваа, нова градинка, тој број го заокружуваме на вкупно 76, со што се згрижени 5.650 деца“, потенцираше премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните, заблагодарувајќи се на поддршката од Светската банка во реализацијата на изградба на градинката.

Набројувајќи ги мерките на Владата, премиерот потенцираше дека платите на вработените во јавните установи за предучилишно воспитание и образование во изминатиот период се покачени и најави ново покачување.

Не ги заборавивме ниту оние вклучени во воспитниот процес, воспитувачките, негувателките. Oд 2017 година досега, давателите на услуги, воспитувачките и негувателките во градинките добија за околу 36% повисока плата. Со новото усогласување во месец март, овој процент ќе достигне нешто помеѓу 45-50% вкупно раст за последните 5 години. Со новото законско покачување кое ќе се случи во месец март и кое очекуваме да порасне за околу 2.500 денари, минималната плата ќе достигне 20.500 денари. Ова предизвикува  линеарно зголемување на  платите  за околу 2.500 денари, на сите вработени во јавните установи за предучилишно воспитание и образование, истакна премиерот Ковачевски, во своето обраќање.

Осврнувајќи се на реализираните проекти во оваа сфера, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска нагласи дека вложувањето во квалитетни инфраструктурни услови и проширување на капацитетите за згрижување на децата е клучната цел и прв чекор во обезбедување можности за квалитетен ран детски развој.

Од 2017 година до сега, Министерството за труд и Владата имаат инвестирано во изградба и проширување на вкупно 76 градинки ширум земјата, меѓу кои е и оваа градинка. Тоа е најдобар показател за нашата посветеност во вложувањата во развојот на децата како најдобра инвестиција во иднината на земјата. Со други зборови, не можеме да зборуваме за развој и просперитет на земјата сѐ додека не инвестираме во грижата за децата уште од најмала возраст, рече Тренчевска.

Во изградбата и опремувањето на градинката се вложени близу 103 милиони денари. Ова е деветта од вкупно 16 градинки кои се предвидени со Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка.

Инвестирањето во предучилишното образование и раниот детски развој носи големи придобивки за децата и општеството во целина. Вложените четири долари денес, се враќаат како 16 долари во иднина. Инвестирањето јавни средства со цел да им се овозможи на децата пристап до стимулирачка, ангажирана, инклузивна и забавна средина за учење, значи добро потрошени пари на даночните обврзници, рече Масимилиjано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Македонија и Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.