Екипи на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ денеска извршија пресадување на повеќегодишно дрво од типот Платан, од улицата Васко Карангелески во општина Аеродром на избрана локација во Градскиот парк. Пресадувањето беше извршено со специјалната машина за пресадување на дрвја, во сопственост на ЈП „Паркови и зеленило“.

Со пресадувањето на едно дрво од улицата од Васко Карангелевски во општина Аеродром се ослободува трасата и се овозможува продолжување на градежните активности за нејзиното проширување и изградба, на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада. Претходниот проект со реконструкцијата предвидуваше сечење на дрворедот на потегот на целата улица, а со направените измени во проектот се зачувува зеленилото и дополнително ќе се посадат нови дрвја.

Реализацијата на проектот за изградба и реконструкција на улицата Васко Карангелески е од големо значење за жителите на општина Аеродром, што обезбедува квалитетно сообраќајно решение со кое ќе се растерети сообраќајот во овој дел од градот, околу кој гравитираат голем број јавни објекти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.