Општина Кисела Вода го презеде управувањето со спортската сала „Расадник“. Извршено е примопредавањето и објектот, без долгови е преземен на трајно користење од владиното Јавно претпријатие за стопанисување со објекти за спорт, известуваат од општината.
Градоначалникот на Кисела вода Ѓорѓиевски, кој денеска изврши увид во руинираната сала, истакна дека сега, откако општината правно управува со „Расадник“, ќе започне процес за целосна реконструкција и враќање на сјајот на овој некогашен дом на спортот.
– Со големо задоволство сакам да ве информирам дека конечно правно ја вративме салата „Расадник“. Ја презедовме без долговите кои ги имаше и започнуваме процес за нејзина темелна реконструкција. Со овој чин, ставаме крај на 30-годишната негрижа која овој објект го претвори во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор кој од најголема гордост, стана најголем срам, не само за Кисела Вода, туку и за цела држава, рече Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека од денеска се врти нова страница во приказната за салата Расадник.
– Од денеска испишуваме ново поглавје кое ќе го врати сјајот на овој спортски објект. Расадник повторно ќе биде центар на најголемите спортски случувања, повторно ќе биде дом на црвено-црните и на сите други значајни клубови. Место од каде ќе одекнуваат аплаузи и навивања, место каде ќе се слави успехот, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.