Учениците со образовни потешкотии во основното училиште „Ј. Х. Песталоци“ добиваат нова и комплетно опремена сензорна соба. Собата расплага со дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско-рекреациска опрема со што наставниот и стручниот кадар имаат на располагање низа алатки за работа со учениците од ова училиште, особено со учениците со интелектуална попреченост, со комбинирани пречки, учениците од аутистичниот спактар, со АДХД и др.

Денес вниманието го насочуваме кон нашето најголемо богатство – децата. Ако ги прашате родителите која им е најголема желба за нивните деца, ќе ви одговорат да бидат среќни. А токму ние како локална самоуправа сме тука за да им помогнеме оваа желба да стане реалност. Инвестирањето во раниот детски развој е најисплатливо во развојот на човечкиот капитал. За нас децата се приоритет број еден и токму затоа Општина Центар веќе години претставува позитивен пример за поддршка на младите во целата држава, изјави Герасимовски.

Квалитетното образование, пред сè, инклузивното образование е предизвик за секоја локална самоуправа и дополнителен мотив е во континуитет да се вложуваат ресурси за децата со пречки во развојот, додава градоначалникот, потенцирајќи дека концептот за инклузивно општество и вклучување на овие ученици во редовната настава се дел од образовната стратегија на oпштината и, во таа насока, сензорната соба што од денес ќе им биде достапна на децата од ООУ „Ј. Х. Песталоци“- Центар е само уште еден чекор кон исполнување на главната цел, а тоа е нивна целосна инклузија.

Важноста од една ваква интервенција е огромна за нашето училиште, особено имајќи на ум дека во нашето училиште учат 21 ученик со попреченост. Од денес со гордост може да кажеме дека нашето училиште е поинклузивно и овозможува високо-квалитетно образование и можност на секое дете да ги оствари своите потенцијали. Се радуваме што во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост можеме да го споделиме овој исчекор кон обезбедување на еднакви услови за развој и учење на сите ученици и сите заедно уште еднаш да пратиме порака за еднакво општество за сите, истакна директорката на училиштето, Катерина Атанасова.

Опремувањето на оваа сензорна соба е дел од проектот „Биди ИН, биди Инклузивен, биди ИНклудиран“ кој го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука и Општина Центар упатува искрена благодарност до сите нив.

Општина Центар верува дека алатките во сензорната соба ќе придонесат кон полесно совладувањето на наставниот материјал и зголемување на мотивацијата децата повеќе да учат и да истражуваат, а истовремено ќе им помогнат на учениците да го намалат стресот и да ја зголемат својата концентрација. Општина Центар ќе продолжи да гради вакви соработки кои носат бенефит како за помладите така и за повозрасните граѓани во општинат, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.