Од среда, 31 август до 4 септември на скопскиот плоштад „Македонија“ ќе се одржи Пиволенд 2022, соопшти организаторот.

Оваа манифестација по пауза од пет години повторно се враќа пред скопската публика, со програма која ветува добра забава со повеќе од 50 музичари, над 100 видови на пиво, два стејџа и новитети, најавува организаторот.

На овогодинешниот Пиволенд ќе бидат поставени две сцени, „Main stage“ и „Craft stage“. На „Main stage“ ќе настапат познатите македонски и балкански музички изведувачи, додека „Craft stage“ ќе биде наменета за љубителите на алтернативната музика и младите талентирани артисти.

Пиволенд 2022 има за цел промоција на македонски и интернационални брендови на пиво, креирање на пивски бренд фестивал на локално и регионално ниво, зајакнување на пивската култура во Македонија, поддршка и афирмирање на млади македонски музички артисти пред публиката, како и промоција на Скопје како град на љубителите на пиво.

Подготвени сме да понудиме богата петдневна музичка програма со над 50 музички имиња од Македонија и Балкан, дегустација на повеќе од 100 видови на пиво и одлична храна која ќе ги задоволи сите вкусови и ќе го направи Скопје среќно и центар-место на пивото на Балканот. Оваа година со промената локација, за разлика од традиционалната локација на Скопското Кале, целата манифестација ќе биде организирана на Плоштад Македонија. Очекуваме голем број на посетители не само од Скопје, туку и од целиот регион, велат организаторите на Пиволенд.

Влезот за посетителите ќе биде бесплатен.

Премиерен настап на Пиволенд ќе има инклузивниот рок бенд „Сол Ночиво“ во кој учество земаат млади од здружението ,,Во мојот свет” кое се грижи за помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар.

Овогодинешниот Пиволенд ќе биде и од општествен карактер. На штандовите на Плоштад „Македонија“ посетителите ќе имаат можност да купат брендирана маица со Пиволенд 2022 која би претставувала убав спомен од целата манифестација, а со секоја продадена маица се донираат 100 денари за здружението „Во мојот свет“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.