Муцунски:Општина Аеродром формираше јавно претпријатие за менаџирање на уличното осветлување кое е согласно законите и нуди пониска цена на електричната енергија

Градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски посочи дека општина Аеродром  формира јавно претпријатие кое има обврска да го менаџира уличното осветлување.

Презедовме повеќе мерки за надминување на енергетската криза. Прва е мерка за штедење односно ограничување на уличното осветлување, секоја втора светилка е пуштена навечер на територија на општина Аеродром и со тоа ја намаливме потрошувачката како апсолутен број, но исто така и со одлука на Советот формиравме јавно претпријатие кој што има обврска да го менаџира процесот на улично осветлување. Тоа јавно претпријатие согласно Законот за енергетика бидејќи има мал број на вработени, има мал приход како такво го префрлува уличното осветлување на таканаречениот регулиран пазар каде согласно актуелните берзански цени навистина е пониска цена по киловат час.

Муцунски не смета дека со овие јавни претпријатија се прават никакви злоупотреби како што тоа го најави премиерот Димитар Ковачевски затоа што со формирањето на вакви претпријатија се менаџираат средствата од граѓаните и за граѓаните, односно се заштедуваат средствата.

Многу често слушаме вакви небулози, кога премиерот ќе рече даваме помош од буџетот. Буџетските средства се средства на граѓаните со кои ние како избрани претставници менаџираме. Не им даваме на граѓаните помош, туку парите од граѓаните им ги враќаме на граѓаните.
Премиерот вели општините злоупотребуваат… не, ние најдовме начин да ги заштедиме средствата на граѓаните, а тој начин е во согласност со Законот за енергетика, Законот за локална самоуправа, Законот за јавните претпријатија. Јас се уште ја немам видено таа одлука која ја цитира премиерот, но прво ми е тотално нејасно како владина одлука ќе биде спротивставена со три закони што се во сила, рече Муцунски.

Во врска со овие јавни претпријатија Муцунски посочи дека премиерот Ковачевски најверојатно има правници во својот тим кои го советуваат дека вакви работи се недозволиви, односно не може тој  да ги забрани затоа што се согласно три закони.

Ние веќе имаме јавно претпријатие коешто е впишано во Централниот регистар, и извршува дејност. И што, со одлука на Владата ќе се избрише тоа јавно претпријатие? Веројатно има премиерот правници кои што го советуваат, тој не е правник, економист е, но би требало околу него правниците да го советуваат дека вакви работи се недозволиви, додаде Муцунски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.