По убедливата победа фокусот е на реализација на многу проекти на решавање на многу проблеми, бидејќи нашата цел е преку пракса на добро владеење граѓаните да видат не само ветувања туку и реализација и да покажеме дека ВМРО-ДПМНЕ има сила енергија да ја води Македонија поинаку, а работата која ќе ја покажеме на локално ниво да биде дополнителен мотив граѓаните да ни ја дадат довербата на предвремените парламентарни избори и да покажеме дека Македонија може да успее, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски во „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.
Како градоначалник создавам тим, луѓе кои соработуваат и сме мотивирани. Кренавме висок праг на очекувања и ние не сакаме да ги разочараме граѓаните. Затоа и имавме јавна презентација на буџетот, граѓаните да видат што ни е планирано, а сега останува да реализираме многу работи што сме ги ветиле и да бидеме фокусирани кон сите цели и реализација на се што сме ветиле, рече Муцунски.
Тој сепак додаде дека енергетската криза создава дополнителни проблеми, како и тоа што централната власт не ги зголемува дотациите со што градинките и училиштата се изложени на поголеми трошоци, и граѓаните треба да го знаат тоа.
Муцунски се осврна и на тоа дека со СДСМ и ДУИ освен корупција скандали и неуспех, друго не сме виделе што може да се оквалификува како позитивен резултат, што дополнително не прави помалку привлечни за странски инвестиции.
Тоа што се случува во правосудство и борба против корупција треба да се гледа низ две призми, прво што е направено за време на оваа власт и кои законски измени се направени во борба против корупција, но не се сеќавам на такво нешто. Втора работа е што се случува во обвинителството и во судовите. Имаме систем кој функционира во крајно лоши услови каде свесно е потценета улогата на судиите и обвинителите за полесно да се влијае на нивното функционирање и да бидат подложни на притисок од политички чинители, рече Муцунски.
Во однос на економијата Муцунски посочи дека граѓаните перцепцијата најдобро ја гледаат кога ќе влезат во еден маркет кога ќе видат колкава е нивната куповна моќ, кога ќе видат со какви ценовни шокови се соочуваме.
Во врска со Декларацијата за Гоце Делчев, Муцунски, нагласи дека застрашувачки е што СДСМ одби Декларација за Гоце Делчев која има цел оддавање почит на знаењето на неговиот лик и дело
Гоце Делчев е еден од најголемите борци за суверена и самостојна Македонија. Тоа што го има во Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ е патоказ за оддавање на почит и значењето на Гоце Делчев. Секој кој ќе ја прочита таа Декларација ќе види дека укажува на ноторни факти прифатливи за македонската историска наука и понатаму дава патоказ за државните институции за тоа што тие би направиле за да можеме соодветно да преземеме дејства и да го почитуваме ликот и делото на Гоце Делчев. Тука нема ништо деструктивно. Проблемот тука е што има обид од страна на СДСМ ова прашање да се политизира, а и тие имаа прилика да се приклучат и да дадат забелешки, а тие ја одбија без да се дискутира за содржината и тоа е најмногу застрашувачки, рече Муцунски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.